Скопје, 16 февруари 2011 (МИА) – Ниско буџетната авиокомпанија „Виз Ер“ влегува на македонскиот пазар со евтини летови на релација Скопје-Лондон. Од јуни ќе лета трипати во неделата, а планира наскоро да воведе и нови дестинации.
Од јуни само за 35 евра, сума во која е вклучена и аеродромската такса македонските граѓани ќе можат трипати во неделата да летаат за Лондон со „Виз Ер“. Менаџментот на оваа ниско буџетна авиокомпанија најави дека набргу Скопје ќе го поврзе со Франкфурт, Париз, Амстердам и Барселона. Причините за влегувањето на македонскиот пазар вели првиот човек на „Виз Ер“ Јозеф Варди, е добрата географска поставеност на земјава која нема локални и национални авиокомпании, а економијата е во подем.
- Исто така гледаме дека земјата се развива, дека БДП ќе оди се погоре дека животниот стандард оди се погоре и тоа на среднорочно и долгорочно нас ни пружа добри услови. Во основа тоа се причините зошто одлучивме да почнеме да го користиме овој пазар и да работиме од Скопје, истакна Варди.
„Виз Ер“ ја покрива речиси целата Европа со евтини и удобни летови. Авиокартите се купуваат исклучиво преку Интернет. Новиот лет Скопје-Лондон не само што ќе донесе евтини авио услуги, туку позитивно ќе влијае и врз пазарната стимулација на македонската економија.
Инаку првиот човек на ТАВ аеродроми Мурат Торникол истакна дека реконструкцијата на Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ завршува до крајот на месецов.
Новата терминална зграда на скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе заврши во планираниот рок и ќе биде пуштена во употреба во октомври.
Торникол информира дека сообраќајот на аеродромот „Александар Велики“ во 2010 година бележи и раст од 13,7 отсто со 700 илјади патници, а на „Свети Апостол Павле“ има раст од 20 отсто со 45 илјади патници.





